Најмалку 40 лица, меѓу кои и цивили, загинале во американската воена операција во Венецуела, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на неименуван венецуелски функционер. Официјален број на жртви од венецуелските власти сè уште не е соопштен.
Нападот, кој се случи вчера, резултираше со апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес. Според американските власти, операцијата била подготвувана со месеци и спроведена со цел да се избегнат цивилни жртви.
Сепак, „Њујорк тајмс“ наведува дека покрај воени цели, биле погодени и цивилни објекти. Меѓу нив е и трикатна станбена зграда во западниот дел на Каракас, каде, според извештаите, загинала постара жена. Напади биле извршени и во близина на воениот аеродром „Ла Карлота“ во центарот на главниот град.
Венецуелската влада потврди дека имало напади и во покраините Миранда, Арагва и Ла Гваира. Потпретседателката Делси Родригес, која беше прогласена за привремена претседателка, изјави дека има и цивилни и воени жртви, но не изнесе конкретни бројки.
Од американска страна беше соопштено дека во операцијата нема загинати американски војници, иако неколкумина биле повредени. Претседателот Доналд Трамп изјави дека акцијата била неопходна и дека ќе следуваат дополнителни информации за натамошните чекори на САД во регионот.
Ситуацијата во Венецуела останува неизвесна, додека меѓународната заедница внимателно ги следи случувањата и последиците од интервенцијата.















