ГАЗА – По првпат по 81 ден целосна блокада, во Појасот Газа влегоа 87 камиони со хуманитарна помош, соопшти во средата медиумската канцеларија на владата во Газа.
Според генералниот директор на канцеларијата, Исмаил Ал-Тавабте, камионите носеле различни видови помош, кои се распределени преку меѓународни и локални организации за делумно задоволување на најитните потреби на палестинското население.
Сепак, властите предупредуваат дека оваа количина е далеку под неопходниот минимум. За основно функционирање на животот во енклавата, дневно се потребни најмалку 500 камиони со храна, лекови и хуманитарна помош, како и дополнителни 50 камиони со гориво. Израелската блокада, која трае повеќе од два месеци, веќе предизвика сериозна хуманитарна катастрофа и зголемена смртност поради глад и недостиг од основни средства за живот.
Граничните премини останаа затворени од 2 март, кога Израел целосно го прекина влезот на хуманитарна помош, дополнително влошувајќи ја ситуацијата во веќе тешко погодената територија.
И покрај бројните меѓународни апели за прекин на огнот, израелската воена офанзива врз Газа продолжува од октомври 2023 година. Според последните податоци, досега загинале речиси 53.700 Палестинци, најголемиот дел од нив жени и деца.
Во ноември, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, поради сомнение за извршени воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Дополнително, Израел се соочува и со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (ICJ), поврзана со неговите дејствија во Појасот Газа.