Најмалку две лица го загубија животот, а уште две се водат како исчезнати во катастрофалните поплави што го зафатија источниот крајбрежен регион на Австралија. Властите предупредуваат дека обилните врнежи ќе продолжат и во наредните денови.
Во сојузната држава Нов Јужен Велс, поплавите се најинтензивни во изминатите 104 години. Повеќе од 500 лица досега биле спасени, додека над 50.000 жители се предупредени да бидат подготвени за евакуација. Премиерот на државата, Крис Минс, истакна дека на одредени локации се очекува да наврнат и до 30 сантиметри дожд во текот на следното деноноќие.
Телото на 63-годишен маж било пронајдено во средата попладне во поплавена куќа во населеното место Мото, додека утрово бил пронајден и млад маж кој исчезнал ноќта претходно, обидувајќи се да премине преку поплавена крстосница.
Полицијата соопшти дека трага по уште две лица кои се водат како исчезнати.
Министерот за вонредни состојби, Џихад Диб, информираше дека само во последното деноноќие биле извршени над 300 спасувачки интервенции. Во неколку случаи, хеликоптери морале да извлечат граѓани кои побарале засолниште на покриви и тераси од своите домови, загрозени од надојдените води.
Според метеоролозите, обилните врнежи се резултат на значително намален атмосферски притисок во регионот. Владиниот метеоролог Ангус Хајнс изјави дека на одредени места наврнале до 60 сантиметри дожд од почетокот на неделата.
Властите апелираат граѓаните да останат на безбедни локации, да го следат развојот на ситуацијата и да постапуваат според упатствата на службите за итни интервенции.