Министерката за финансии, Гордана Димитриеска – Кочоска, денеска оствари средба со раководството на Стопанската комора на Македонија, како дел од напорите за продлабочување на соработката меѓу институциите и приватниот сектор.

На средбата се разговараше за тековните економски предизвици, можностите за унапредување на деловната клима, како и за конкретни мерки кои Министерството за финансии ги презема за поддршка на економскиот раст и инвестициите.
Овој дијалог со деловната заедница е од суштинско значење за креирање на реални и ефективни економски политики. Заеднички ги отвораме прашањата, но и ги бараме решенијата што ќе значат подобрување на условите за домашните компании и привлекување на нови инвестиции.

Претставниците на Комората го поздравија отворениот пристап на министерството и побараа продолжување на редовната комуникација, со цел институционална поддршка на бизнисите, олеснување на административните процедури и подобрување на даночните политики.
Средбата се оцени како продуктивна и значаен чекор кон стабилно и предвидливо економско окружување, во интерес на сите стопанственици во земјата.