Холандската централна банка апелира: Чувајте готовина за итни случаи
Централната банка на Холандија издаде официјално предупредување до населението, со препорака секое домаќинство да поседува минимална готовинска резерва за покривање на основни трошоци во случај на вонредна состојба или прекин на електронските системи за плаќање.
Според насоките, се препорачува да се чуваат најмалку 70 евра по возрасен и 30 евра по дете во цврста валута, како финансиска поддршка за покривање на трошоци за храна, вода, лекови и превоз – барем за три дена.
Заканата од сајбер напади ја зголемува потребата од подготвеност
Како една од клучните причини за оваа препорака се наведува растечката закана од сајбер напади, кои, според холандските власти, стануваат сѐ поверојатни во контекст на зголемените геополитички тензии. Инцидентот во април, кога прекин на струја во Шпанија и Португалија доведе до блокада на платежниот систем, послужи како јасен показател колку современите општества се ранливи без пристап до дигитални алатки.
„Во такви моменти, готовината може да биде единствениот начин за купување на основните животни потреби“, наведуваат од банката.
И трговците да се подготват
Покрај советите за граѓаните, Централната банка упати и препораки до трговците – да развијат резервни методи за наплата, како QR-кодови или други офлајн решенија, со цел да се избегнат целосни прекини во функционирањето при евентуален пад на системите за електронско плаќање.
Овие мерки се дел од поширока стратегија на Европската комисија за справување со кризни ситуации. Планот, објавен во март, вклучува препораки секое домаќинство во ЕУ да има залихи од храна и средства за преживување за најмалку три дена, како подготовка за можни воени, климатски или технолошки кризи.