Во Битола започнаа градежните активности за санација и подготовка за повторно асфалтирање на улиците „Бурса“ и улицата кај „Блис“. Изведувачите, на сопствен трошок, ги преземаат сите работи со цел да се отстранат оштетувањата и да се обезбеди квалитетна и безбедна инфраструктура за граѓаните.

Како што претходно најави градоначалникот Тони Коњановски, денес започна отстранувањето на оштетениот коловоз на улицата „Бурса“. Работите ќе се изведуваат во фазна динамика до сабота, во периодот од 09 до 19 часот. Засегнати се деловите од влезот на поранешната „Шеќерана“ и „Квасара“ (фаза 2), пред влезот на „Синпекс“ (фаза 3) и делот кај „Агнеса“ до отпадот. Во текот на градежните зафати, улицата ќе биде целосно затворена за сообраќај, согласно усвоениот времен режим.
Паралелно, на улицата кај „Блис“ се вршат подготовки за целосно преасфалтирање, откако беа евидентирани видливи оштетувања. И таму работите ги изведува истата компанија, на сопствена сметка, по барање на Општина Битола.

Коњановски нагласува дека квалитетот на изведбата останува приоритет: „Нема да дозволиме да се реализираат проекти со недостатоци. Граѓаните заслужуваат трајни решенија, не привремени поправки.“
Во тек се и лабораториски испитувања на веќе вградените материјали на терен, чии резултати ќе бидат основа за понатамошни постапки. Општината најавува засилен надзор и отчетност за изведените работи.