ПРВ.мк
Свет

Висока цена на конфликтот со Иран: Пентагон откри колку американски војници се ранети

Висока цена на конфликтот со Иран: Пентагон откри колку американски војници се ранети

Повеќе од 750 американски војници се ранети од почетокот на воените операции против Иран, покажуваат најновите податоци на Пентагон. Вкупниот број на повредени американски припадници достигна 757, додека 18 војници загинале.

Најголемиот дел од ранетите се припадници на копнената војска. Според податоците на американското Министерство за одбрана, ранети се 587 припадници на армијата, 86 морнари, 64 припадници на воздухопловните сили и 19 маринци.

Американските власти досега објавија малку детали за конкретните околности во кои биле повредени војниците. Не се соопштени целосни информации ниту за евентуалната штета што американските воени бази ја претрпеле за време на конфликтот.

Дел од жртвите се водат во рамки на операцијата „Епски гнев“, која започна на 28 февруари. Според базата на Пентагон, во оваа категорија се заведени 418 ранети и 14 загинати американски војници.

По промените во американските воени активности, Пентагон воведе и посебна категорија „Операции во странство“, преку која се евидентираат поновите загуби. Со последното ажурирање бројот на ранети се зголемил од 697 на 757.

Новите бројки покажуваат дека конфликтот со Иран има значителни последици и за американските сили, иако Пентагон сè уште не открива каде и во кои конкретни операции биле повредени најголемиот дел од војниците.