Во Македонија до 18:30 часот денеска биле регистрирани вкупно 21 пожар на отворен простор. Според последните информации, седум пожари сè уште се активни, два се ставени под контрола, а 12 се целосно изгаснати.
Активни пожари има на подрачјето на Студеничани и Зелениково, каде што огнот зафаќа мешана шума во реонот на селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, со крак кон Палиград и над селото Вражале.
Во Македонски Брод гори во месноста Видуш, кај селата Драгов Дол и Локвица, каде што пожарот зафатил ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
Активни се и пожарите кај Пиперово во Струмичко, Бојане во Општина Сарај, Митрашинци во Берово, Сушица во Петровец и Трново во Гостивар. На овие локации гори ниска вегетација, како и дабова, нискостеблеста и мешана шума.
Под контрола се два пожари – кај Тајмиште во Кичевско, каде што била зафатена високостеблеста букова шума, и кај Мегленци во Битолско, каде што горела ниска вегетација.
Во текот на денот целосно биле изгаснати 12 пожари на повеќе локации низ државата, меѓу кои во Струмица, Василево, Делчево, Куманово, Јегуновце, Гостивар, Врапчиште, Демир Хисар, Пробиштип и Илинден.







