Силно невреме што ја зафати северна Италија предизвика драматични сцени на аеродромот „Луиџи Ридолфи“ во Форли, каде што моќните налети на ветер буквално ги поместуваа помалите авиони по платформата.
На видеоснимките што брзо се проширија на социјалните мрежи се гледа како лесните летала неконтролирано се движат под силата на ветерот, а едно од нив во еден момент целосно се превртува и завршува на покрив.
Невремето го погодило Форли, во италијанскиот регион Емилија-Ромања, на 21 август. Според локалните медиуми, во околината на аеродромот биле регистрирани налети на ветер од над 100 километри на час, а на моменти достигнувале и околу 120 километри на час.
Силниот ветер поместил повеќе мали авиони, поради што морале да интервенираат и пожарникарите за да ги обезбедат леталата. За среќа, во инцидентот нема повредени лица.
Поради опасните временски услови, аеродромот бил затворен околу еден час од безбедносни причини.
Невремето предизвикало проблеми и надвор од аеродромот. Ветерот корнел дрвја и гранки, оштетувал покриви и предизвикал прекини во снабдувањето со електрична енергија. Пожарникарските служби добиле повеќе од 150 повици за интервенција, а меѓу најпогодените биле провинциите Форли-Чезена и Равена.
Видео:






