Албанските државјани веќе седум години се најбројната група странски државјани во британските затвори. Во моментов, според објавените податоци, околу 940 Албанци издржуваат затворски казни во Англија.
Голем дел од нив се осудени за кривични дела поврзани со трговија со кокаин и нелегално одгледување канабис.
Велика Британија и Албанија претходно постигнале договор вреден осум милиони фунти, со кој било предвидено 200 албански затвореници да бидат префрлени во Албанија и таму да го отслужат остатокот од казната.
Сепак, спроведувањето на договорот оди многу побавно од планираното. Во последните три години биле префрлени само 13 затвореници.
Како главна причина за застојот се наведуваат процедурите пред албанските судови, кои треба официјално да ги признаат пресудите донесени од британските судови пред да биде реализиран трансферот.
Британските власти имаат и значителен финансиски интерес процесот да се забрза. Според наведените податоци, издржувањето на еден затвореник ја чини Велика Британија околу 56.000 фунти годишно.






