Трикатна станбена зграда во местото Бенетусер, во близина на Валенсија, целосно се урна за само неколку секунди, но благодарение на брзата реакција на станарите беше избегната голема трагедија. За среќа, во инцидентот нема загинати ниту повредени.
Жителите непосредно пред уривањето забележале пукнатини на ѕидовите и слушнале необични звуци што ги натерало веднаш да ги напуштат своите станови. Само кратко потоа, зградата се претворила во куп урнатини.
На социјалните мрежи се појави драматично видео на кое се гледа моментот кога објектот се урива за неколку секунди.
Како дополнителна мерка на претпазливост, евакуирана била и соседната зграда. Експертски екипи веднаш ја провериле нејзината стабилност за да утврдат дали постои ризик од ново уривање или дополнителни оштетувања.
На местото на несреќата брзо пристигнале пожарникари од Торент и Катароха, припадници на Цивилната гарда и локалната полиција. Подрачјето било целосно обезбедено, а околу урнатините бил воспоставен безбедносен периметар додека трае истрагата.
Според првичните информации, истражителите го насочуваат вниманието кон градежните работи на соседната парцела, каде што се гради нов објект. Се испитува дали ископот можеби ги оштетил темелите на старата зграда и придонел за нејзиното уривање.
Надлежните институции најавија дека точната причина за несреќата, како и евентуалната одговорност на изведувачот на градежните работи, ќе бидат утврдени по завршувањето на деталната истрага.









