Силно невреме проследено со пороен дожд, град и силен ветер предизвика сериозни поплави и хаос во североисточна Шпанија, а особено погодена била областа Тарагона.
На драматичните снимки што се проширија на социјалните мрежи се гледа како надојдената вода носи маж по поплавена улица, додека на друга снимка е забележан моментот кога дел од покрив на трговски центар попушта под налетот на невремето.
Во делови од Тарагона паѓал град со големина на топчиња за голф, а невремето предизвикало и прекини во снабдувањето со електрична енергија. Повеќе од 1.000 лица побарале помош од итните служби.
Силината на градот била фатална и за голем број птици. Десетици гулаби биле пронајдени угинати откако немале можност навреме да најдат засолниште.
Екстремното време не ја погоди само Шпанија. Силни бури претходно зафатија и делови од Франција, каде торнадо предизвика огромна материјална штета.
Најмалку 41 лице било повредено, а меѓу нив и бремена жена. Во селото Помас, јужно од Каркасон, според објавените информации биле оштетени или уништени околу 300 куќи.
Невремето предизвикало проблеми и во авиосообраќајот, со откажани и одложени летови, додека илјадници домаќинства останале без електрична енергија.
Во делови од Франција биле регистрирани ветрови од над 120 километри на час, а за Корзика било издадено предупредување за налети до 130 километри на час.







