На главниот автопат во Калифорнија во саботата наутро се случи масовен ланчан судар во кој учествуваа дури 59 возила, поради густата магла која значително ја намалила видливоста.
Несреќата се случила на автопатот 99, околу 65 километри северно од Бејкерсфилд, во округот Тјулери, во централната долина на Калифорнија, позната како еден од најважните земјоделски региони во државата, јави CBS.
Според информации од Калифорниската сообраќајна патрола (CHP), почетните судари се случиле на двете страни од автопатот, по што следувале низа дополнителни судари, во кои вкупно учествувале 59 возила.
Локалната магла ја намалила видливоста на само 46-60 метри, што дополнително ја отежнило ситуацијата и придонело за ланчаните судари.
Автопатот бил затворен во двата правци до околу 14:30 часот додека екипите ги расчистувале возилата и местото на несреќата. Станува збор за клучна сообраќајница која се протега низ целата Централна долина.
Од официјалните лица соопштија дека повеќе лица се здобиле со полесни до умерени повреди.
CHP апелираше до возачите да ја намалат брзината, да одржуваат поголемо растојание меѓу возилата и да бидат максимално внимателни, особено при намалена видливост или поголема сообраќајна гужва.

















