Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп преку повеќе канали им соопшти на иранските власти дека е отворена за преговори за постигнување договор, а средбата на двете делегации би можела да се одржи следната недела во Турција, јавува Axios повикувајќи се на извори.
„Напредуваме. Даваме сè од себе (за да дојде до преговори)“, изјави еден неименуван високопозиционен американски официјален претставник.
Америка и Иран на преговори во Турција? Друг неименуван американски официјален претставник посочил дека средбата меѓу американската и иранската делегација може да се одржи следната недела во Турција.
Според Axios, Турција, Египет и Катар, кои учествувале во активностите за превенција на војна во целиот регион, сакаат договорот да спречи евентуален регионален конфликт.
Според извори, на потенцијалната средба во Анкара би присуствувал американскиот специјален пратеник Стив Виткоф, како и високи ирански официјални лица.
Официјални лица од Белата куќа нагласуваат дека Трамп не донел конечна одлука за напад врз Иран и дека е отворен за дипломатско решение.
Ајатолахот предупреди на регионална војна Американските официјални лица велат дека изјавите и коментарите на Трамп за Иран не треба да се толкуваат како блеф, како и дека администрацијата на САД не знае дали врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, ќе дозволи неговите официјални лица да преговараат со американските колеги.
Ранешно, Хамнеи во неделата, при обраќањето во Техеран по повод годишнината од враќањето на имам Хомеини во Иран и почетокот на прославата на десетдневницата Фаджр, предупреди дека евентуална војна меѓу САД и Иран може да прерасне во регионален конфликт.
Трамп исто така изрази надеж дека Вашингтон може да постигне договор со Техеран и дека не е изненаден од пораките на иранскиот врховен лидер Али Хамнеи.

















