Неколкучасовен прекин на работата се случи во складиштето за овошје во рамки на логистичко-дистрибутивниот центар на „Плодине“ кај Кукуљаново, откако странските работници изразија незадоволство од условите за работа, објави хрватски „Индекс“.
Од синдикатот NSRH соопштија дека работниците, најголем дел од Непал, реагирале поради ниските плати, прекувремената работа и, како што наведуваат, лошите услови во објектот. Во складиштето се вработени околу 100 странски и околу 70 домашни работници.
Синдикатот предупреди и на, како што го оцени, загрижувачки случај со седум непалски работници кои по зачленување во синдикатот наводно биле изложени на притисоци и закани со губење на работното место и престојниот статус во земјата.
Прекинот на работата бил ставен во мирување откако на работниците им било ветено дека во понеделник ќе се одржи средба со претставник од повисокото раководство, на која ќе се разговара за нивните барања.

















