Научната и академската јавност во Македонија се збогува со проф. д-р Илија Димовски, редовен професор на Педагошкиот факултет во Штип, кој почина на 84-годишна возраст.
„Со големо жалење ја соопштуваме веста за починувањето на проф. д-р Илија Димовски, редовен професор на Педагошкиот факултет во Штип“, се наведува во соопштението објавено по повод неговата смрт.
Проф. д-р Илија Димовски е роден во 1942 година во селото Мало Црско. Магистерските студии ги завршил на Универзитетот во Загреб, а докторирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Во текот на својата богата академска кариера, Димовски беше автор на бројни научни трудови и стручни книги, со кои остави длабока и трајна трага во науката, образованието и во унапредувањето на еколошката свест во Македонија. Колегите и студентите ќе го паметат како посветен педагог, истражувач и интелектуалец со исклучителен придонес за развојот на наставата и научната мисла.
Погребот ќе се одржи во понеделник, 19 јануари, во 13:00 часот, на Градските гробишта Бутел во Скопје.
Вечна му слава.

















