Спасувачките екипи во Непал водат тешка битка со времето и непристапниот терен во обид да стигнат до стотици луѓе за кои се стравува дека останале заробени во тунели на хидроенергетски проекти. Во операциите учествуваат и експерти од соседните земји Кина и Индија, а тимовите работат и во текот на ноќта.
Катастрофата следуваше по разорните поплави и огромните наноси што минатата недела го погодија хималајскиот регион. Според досегашните проценки, речиси 800 луѓе го загубиле животот, а повеќе од 3.000 се водат како исчезнати.
Последиците се огромни, а спасувачките екипи се соочуваат со исклучително тешки услови. Во погодените области се пронајдени голем број тела, од кои дел сè уште не се идентификувани. Поради влажното и топло време во пониските делови, телата мора да бидат погребувани во плитки гробови.
Но, во овој момент најголем приоритет за властите е пронаоѓањето на луѓето за кои постои сомневање дека се наоѓаат под урнатините.
Непалските власти соопштија дека спасувачите се обидуваат да стигнат до работници кои, според достапните информации, би можеле да бидат заробени во околу шест тунели поврзани со хидроенергетски проекти.
Тунелите се блокирани од огромни количини кал, камења и други наноси. Спасувачките екипи користат тешка механизација за да го отстранат материјалот и да создадат пристап до подземните објекти.
Снимките од теренот покажуваат градежни машини како работат под силни рефлектори во текот на ноќта, додека припадници на армијата со батериски лампи го пребаруваат теренот и се обидуваат да пронајдат начин да стигнат до тунелите.
Според непалската управа за управување со катастрофи, 933 лица поврзани со хидроенергетските проекти во погодениот регион се водат како исчезнати.
Црвениот крст проценува дека природната катастрофа можеби погодила повеќе од 90.000 луѓе, што дополнително ја покажува големината на кризата.
Портпаролот на непалската армија, Раџа Рам Баснет, објаснил дека спасувачите се соочуваат со огромни количества седимент и материјал што се насобрал пред влезовите на тунелите.
„Нашиот главен фокус е да го отвориме тунелот“, изјавил Баснет, нагласувајќи дека отстранувањето на насобраниот материјал е еден од најголемите предизвици за спасувачките тимови.
Премиерот на Непал, Балендра Шах, катастрофата ја опиша како невидена и разорна природна непогода. Тој нагласи дека сè уште е исклучително тешко да се процени целокупната штета, бидејќи многу подрачја се тешко достапни.
Во спасувачките операции се ангажирани речиси 21.000 припадници на безбедносните сили, заедно со цивилни работници и волонтери.
Иако непалските власти соопштија дека генерално немаат потреба од странска помош за целокупните операции за пребарување и спасување, во делот на спасувањето од тунели се потпираат на искуството на Кина и Индија.
Работата на теренот во изминатите денови не се одвивала непречено. Спасувачките операции неколкупати биле прекинувани поради лошото време и стравувањата од нови поплави.
Особена загриженост предизвикало езеро кое се формирало по катастрофата во пограничниот регион меѓу Непал и Кина. Поради неговото излевање во реките на Непал постоел ризик од дополнително надоаѓање на водите.
Сепак, подобрувањето на временските услови денеска овозможило операциите да продолжат со поголем интензитет.
Во една од најтешко погодените области, округот Расува, локалните жители се соочуваат со последиците од уништувањето. Во светиот град Девигат, на бреговите на надојдената река Тришули, луѓето се враќале до остатоците од своите домови и се обидувале да извлечат што е можно повеќе предмети од урнатините.
Катастрофата повторно го отвори и прашањето за влијанието на климатските промени врз ваквите природни непогоди.
Кинеската државна телевизија CCTV објави дека поплавите се поврзани со нестабилноста на глечерите, која, според нивното објаснување, е под долгорочно влијание на глобалното затоплување.
Кинеските власти ја опишаа појавата како сè поизразена карактеристика на катастрофите поврзани со криосферата на Тибетската висорамнина.
Во меѓувреме, двајца непалски функционери изјавиле дека Кина не споделила доволно информации за ризиците поврзани со глечерите и нивото на водата по овогодишниот состанок наменет за зајакнување на соработката меѓу двете земји.
Според нив, недостигот од навремено споделување на податоци би можел да создаде дополнителни проблеми при подготовката за идни природни катастрофи.
Додека се анализираат причините и последиците од разорните поплави, спасувачите продолжуваат со трката со времето, обидувајќи се да стигнат до луѓето кои можеби сè уште се наоѓаат во блокираните тунели.







