Општина Кавадарци уште еднаш ја покажа својата солидарност на дело. Утрово, три противпожарни возила и шест искусни пожарникари од Терторијалната противпожарна единица (ТППЕ) Кавадарци се упатија кон Битола, со цел да дадат директна поддршка во локализирањето и гаснењето на пожарот што го зафати Националниот парк Пелистер.
Во услови кога огнот претставува сериозен предизвик за локалните сили и животна средина, брзата реакција, меѓусебната координација и поддршката меѓу институциите се од клучно значење за спречување на поголеми штети.
„Во услови на сериозни предизвици, солидарноста, координацијата и меѓусебната поддршка меѓу институциите се од особено значење. Кавадарци и кавадаречките пожарникари остануваат подготвени да помогнат секогаш кога тоа е потребно,“ порачуваат од Општина Кавадарци.
Кавадаречките пожарникари веќе се на терен и се ставаат на располагање на колегите од Битола, подготвени да дејствуваат на најкритичните точки на Пелистер.








