Најмалку две лица загинаа, а шест се повредени во големиот ноќен напад со дронови врз поширокото подрачје на Москва, кој руските власти го опишаа како „масовен“. Според руските власти, во текот на нападот биле соборени стотици беспилотни летала, а на повеќе локации избувнале пожари.
Гувернерот на Московската област, Андреј Воробјов, соопшти дека биле соборени вкупно 249 дронови. Во неколку станбени објекти и во магацин избувнале пожари, додека во самата Москва било оштетено и построение во нафтена рафинерија. Поради безбедносни причини биле воведени и ограничувања во воздушниот сообраќај на два московски аеродроми.
Воробјов во неделата преку Телеграм соопшти дека во местото Софјино загинала 44-годишна жена, откако дрон удрил во трикатна станбена зграда. Во истиот напад биле повредени уште пет лица, меѓу кои и две деца.
Во областа Орехово-Зуево, според Воробјов, животот го загубил и постар маж, чиј приватен дом бил погоден за време на нападот.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, соопшти дека еден од дроновите погодил зграда во близина на градски булевар. Тој потврди и дека било оштетено построение во нафтената рафинерија.
Претходно Собјанин информираше дека 152 беспилотни летала биле соборени додека се приближувале кон Москва.
Нападот предизвика нарушувања и во воздушниот сообраќај. Најголемиот московски аеродром, Шереметјево, ги предупреди патниците за „привремени ограничувања“, додека на аеродромот Внуково привремено биле прекинати сите полетувања и слетувања.
На социјалните мрежи во текот на ноќта се појавија снимки на кои наводно се гледаат експлозии на небото над Москва, како и магацин зафатен од пламен. Автентичноста на овие снимки не можеше независно да биде потврдена.
Во исто време, украинските власти известија и за жртви во руски напади врз Украина во текот на саботата.
Началникот на Киевската област, Тимур Ткаченко, соопшти дека во нападот врз градот Фастив загинале мајка и нејзините две мали деца. Во нападот биле оштетени и неколку приватни куќи.
Во североисточниот украински регион Суми, пак, четири лица загинале откако руски дрон погодил автомобил во кој се превезувале, соопшти локалниот функционер Олег Хрихоров.
Русија и Украина во последните недели ги интензивираа меѓусебните воздушни напади. Меѓу целите што често се наоѓаат под удар се енергетската и транспортната инфраструктура, како и големите логистички центри.





