Најмалку две лица го загубиле животот, а десет други се водат како исчезнати по свлечиште што во источниот дел на Кина погодило населено место, по обилните врнежи предизвикани од тајфунот Саудел.
Свлечиштето рано во саботата зафатило дел од село во округот Суичуан, во провинцијата Џангси. Веднаш биле ангажирани спасувачки екипи, додека локалните власти ги евакуирале жителите од погоденото подрачје поради опасност од нови одрони.
Според досегашните информации, од урнатините едно лице било извлечено без знаци на живот, додека две лица биле спасени живи и се во стабилна состојба. Државната телевизија CCTV објави дека спасувачите утринава пронашле уште едно тело меѓу остатоците од урнатите куќи. Потрагата по десетте исчезнати лица продолжува.
Свлечиштето се случило поради обилните врнежи што ги донесе тајфунот Саудел, кој годинава е 18-тиот тајфун што ја погоди Кина. Во четвртокот, невремето по третпат стигнало до копното, овојпат во округот Џангпу, во градот Џангџоу, во провинцијата Фуџијан.
Поради најавите за силен ветер и интензивни врнежи, десетици илјади жители во погодените области биле евакуирани. Во соседната провинција Џангси, тајфунот погодил околу 128.500 жители во 53 окрузи, при што речиси 8.700 луѓе биле итно преместени на безбедни локации.
Спасувачките екипи и понатаму работат на терен и ги пребаруваат урнатините во потрага по исчезнатите, додека надлежните служби ја проценуваат штетата предизвикана од невремето.








