Германската полиција во покраината Саксонија открила 12 рачно изработени експлозивни направи поставени во близина на далеководи, со што бил спречен можен напад врз електроенергетската мрежа во окрузите Бауцен и Герлиц.
Од полицијата во Герлиц и Јавното обвинителство во Дрезден соопштиле дека направите биле пронајдени и деактивирани кај две трафостаници. Поради безбедносни причини, надлежните продолжуваат со проверки и пребарување на делови од електроенергетската инфраструктура.
Германските власти истовремено проверуваат дали овој случај е поврзан со слични инциденти во покраините Бранденбург и Северна Рајна-Вестфалија, каде што претходно биле пронајдени експлозивни направи.
Полицијата трага по 48-годишен осомничен, кој наводно презел одговорност за нападите врз системот за снабдување со електрична енергија. Во неговиот стан, според истражителите, бил пронајден експлозивен материјал.
Во писмото со кое наводно ја презел одговорноста, осомничениот се изјаснил против производството на електрична енергија од фосилни горива. Истрагата продолжува со цел да се утврдат неговата улога, мотивите и евентуалната поврзаност со други слични случаи.








