Еден од најпопуларните модели на широки панталони од Zara стана вирален на социјалните мрежи, но не само поради својот изглед. Голем број кориснички споделуваат видеа во кои тврдат дека се сопнале и паднале додека ги носеле, поради што на интернет почнаа да ги нарекуваат „опасните Zara панталони“.
Во објавите на TikTok и Instagram, неколку инфлуенсерки покажуваат како паднале поради долгите и широки ногавици. Некои велат дека претрпеле само гребнатини и модринки, додека други тврдат дека завршиле со посериозни повреди, вклучувајќи скршеници и повреди на коленото.
Една жена од Канада изјавила дека при падот го скршила зглобот, се здобила со расекотина на лицето и морала да носи гипс неколку недели. Таа побарала моделот да биде повлечен од продажба, сметајќи дека претставува ризик.
И покрај бројните реакции, нема официјални информации дека Zara ги повлекла панталоните од продажба или дека е утврден производствен дефект. Повеќето коментари на социјалните мрежи укажуваат дека проблемот е поврзан со екстремно долгите и широки ногавици, кои лесно можат да се заплеткаат околу обувките, особено при одење по скали или нерамни површини.
Модните експерти советуваат ваквите модели да се носат со соодветна должина или да се скратат доколку се предолги, со цел да се намали ризикот од сопнување.
ВИДЕО








