Адам Чепмен (43) од Англија со месеци верувал дека главоболките и заморот се последица на стрес, премореност или грип. Но, кога почнал да има проблеми со одењето, станувањето и разбирањето на едноставни инструкции, семејството го убедило итно да побара лекарска помош.
По направените испитувања, лекарите му дијагностицирале глиобластом – агресивен тумор на мозокот кој се смета за една од најтешките форми на оваа болест.
Чепмен бил подложен на две операции, а потоа и на радиотерапија и хемотерапија. За време на првата, долготрајна операција, доживеал мозочен удар, што оставило последици врз неговата меморија, когнитивните способности и видот.
Тој раскажува дека пред дијагнозата водел активен живот, редовно тренирал и учествувал на спортски натпревари, па никогаш не помислил дека зад навидум обичните симптоми се крие сериозна болест.
„Луѓето мислат дека сум добро затоа што сум дома, но вистината е дека туморот ќе продолжи да се враќа. Терапиите само го одложуваат неговото напредување“, вели тој.
Според податоците на организацијата Brain Tumour Charity, просечното преживување кај пациентите со глиобластом е 12 до 18 месеци, а околу 5 проценти од пациентите преживуваат пет години. Чепмен денес активно учествува во кампањи за подигнување на свеста и за поголеми инвестиции во истражување на туморите на мозокот.








