По повеќе од еден век ограничувања и децении загадување, реката Сена повторно стана место за капење. Благодарение на обемниот проект за нејзино чистење, во кој Франција инвестираше повеќе од една милијарда евра во пресрет на Олимписките игри во Париз 2024, жителите и туристите повторно можат да уживаат во освежување во срцето на француската престолнина.
Денес во Париз функционираат три бесплатни градски капалишта на Сена – Bercy, Bras Marie и Grenelle, кои се отворени во текот на летните месеци. Сепак, квалитетот на водата се контролира секој ден, а доколку анализите покажат зголемено ниво на бактерии или условите се небезбедни, капалиштата привремено се затвораат.
За безбедноста на капачите се користи систем со знамиња: зелено означува дека капењето е дозволено, жолто предупредува на претпазливост поради временски услови или посилни струи, а црвено значи целосна забрана за влегување во водата.
Сена има богата историја како место за капење. Парижаните се капеле во неа уште од 17 век, а реката била домаќин и на пливачките натпревари на Олимписките игри во 1900 година. Пливањето беше забрането во 1923 година поради безбедносни причини, а подоцна и поради сериозното загадување.
Денес, по огромната инвестиција во модернизација на канализацискиот систем и прочистување на водата, Сена повторно е симбол на летното освежување во Париз, иако дебатата за тоа дали проектот ја оправдал својата цена сè уште трае.









