Осум ученици доживеале вистинска драма во забавен парк во Тексас, откако ролеркостерот „Iron Shark“ се заглавил на околу 30 метри висина и ги оставил заробени на врвот на конструкцијата повеќе од четири часа.
Инцидентот се случил во попладневните часови, околу 17:20 по локално време, во забавниот парк „Pleasure Pier“ во Галвестон, кога при искачувањето на атракцијата се слушнал силен звук, по што возот на ролеркостерот нагло запрел.
Учениците останале блокирани на највисоката точка од патеката, речиси „висејќи во воздух“, додека под нив се одвивала сложена и долготрајна спасувачка акција.
Евакуацијата била дополнително отежната бидејќи механичкиот дефект го оневозможил користењето на вградениот систем за спасување во паркот, па пожарникарските екипи од Галвестон морале да интервенираат со специјална противпожарна скала.
Шефот на противпожарната служба, Мајкл Варела Џуниор, изјавил дека самата интервенција била исклучително тешка поради тесниот простор и големиот број посетители во паркот.
Спасувањето се одвивало поединечно, при што секое дете било обезбедено со сигурносна опрема и внимателно спуштано со помош на противпожарната скала, во операција која траела сè до вечерните часови.
Последниот ученик бил симнат безбедно по 21:00 часот, со што завршила драмата што траела повеќе од четири часа.
По спасувањето, сите деца биле прегледани од медицински тимови поради можни последици од дехидратација и стрес, но за среќа не биле констатирани физички повреди, иако биле видно потресени.
Од училишниот округ во Хјустон потврдија дека се во контакт со семејствата и дека на децата ќе им биде обезбедена психолошка поддршка.
Компанијата што управува со забавниот парк соопшти дека ролеркостерот автоматски запрел како безбедносна мерка веднаш по детектирањето на дефектот, а атракцијата останува привремено затворена додека не се изврши детална техничка инспекција.








