Македонците кои живеат и работат во Германија од 1 јуни ќе се соочат со значителна промена во патувањето кон татковината, откако е потврдено укинување на директната авионска линија Франкфурт – Скопје.
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ ја прекинува оваа рута, која со години беше една од најкористените линии од страна на македонската дијаспора.
Во системите за резервации веќе не се прикажуваат летови по 31 мај, ниту за летната сезона, ниту за зимскиот ред на летање. Тоа значи дека патниците повеќе нема да имаат директна врска меѓу двата града.
Наместо тоа, патувањето ќе се одвива со преседнување, најчесто преку Виена, преку „Аустријан ерлајнс“, која исто така е дел од „Луфтханза“ групацијата. Ова ќе значи подолги патувања, поголема неизвесност при конекции и потенцијално повисоки трошоци за патниците.
Линијата Франкфурт – Скопје беше една од најфреквентните, со седум до десет летови неделно во зависност од сезоната, додека во последниот период зимскиот распоред беше сведен на околу три лета неделно, што веќе укажуваше на можно постепено повлекување.
Првиот лет на оваа релација беше воведен во април 2023 година, а за кратко време стана клучна врска за илјадници граѓани кои патуваат од економски, семејни или здравствени причини.
Од „Луфтханза“ како главни причини за укинувањето ги наведуваат економската неизвесност, честите штрајкови во воздухопловниот сектор и високите цени на горивото. Компанијата во последниот период укинува повеќе кратки и помалку профитабилни европски линии, дел од поширока стратегија за оптимизација на мрежата.








