Кардиналите упатија итен апел за мир пред изборот на нов папа
Еден ден пред да се повлечат во Систинската капела во Ватикан за избор на нов папа, кардиналите на Католичката црква упатија итен повик до светската јавност, повикувајќи на итно запирање на воените конфликти ширум светот.
Во заедничка изјава објавена од Ватикан, кардиналите изразија длабока загриженост за зголеменото насилство, особено врз цивилното население, и апелираа до завојуваните страни да постигнат „траен прекин на огнот без предуслови и без понатамошно одложување“.
„Со жалење забележуваме дека нема напредок во мировните процеси во Украина, на Блискиот Исток и во други кризни региони“, се наведува во изјавата, со додаток дека ескалацијата на насилството само ја продлабочува човечката трагедија.
Кардиналите ги повикаа и верниците ширум светот да ги интензивираат своите молитви за праведен и долготраен мир.
Изјавата беше дадена на последната Општа конгрегација на Колеџот на кардинали, непосредно пред почетокот на конклавата која ќе започне во среда.
Кардиналите под 80-годишна возраст ќе имаат право на глас при изборот на нов поглавар на Католичката црква, по смртта на папата Франциск, кој почина на Велигден на 88-годишна возраст.