Трамп повторно отвора геополитичка дебата: ќе го нарече Персискиот Залив – Арапски Залив?
Американскиот претседател Доналд Трамп планира за време на претстојната посета на Саудиска Арабија следната недела да објави дека САД официјално ќе го користат терминот „Арапски Залив“ наместо „Персиски Залив“, пренесуваат американски официјални извори.
Овој потег, кој најверојатно ќе предизвика жестоки реакции од Техеран, се однесува на водната површина што традиционално се нарекува Персиски Залив уште од 16 век. Меѓутоа, во повеќето арапски земји се користи името Арапски Залив, што со децении претставува предмет на дипломатски и идентитетски спор меѓу Иран и соседните арапски држави.
Името на Заливот не е само географија – туку прашање на национален идентитет, особено за Иранците, кои во него гледаат симбол на своето историско и културно наследство. Иран остро реагираше уште во 2017 година кога Трамп го употреби името „Арапски Залив“, по што тогашниот ирански претседател Хасан Рохани саркастично му порача на Трамп „да научи географија“.
Додека Google Maps во САД го прикажува терминот „Персиски Залив (Арапски Залив)“, Apple Maps се држи исклучиво до „Персиски Залив“. Интересно, американската војска веќе извесно време го користи името „Арапски Залив“ во своите официјални документи.
Овој потег на Трамп, ако се реализира, би можел да ги влоши тензиите во регионот и да предизвика нов бран критики – слично како и неговите порано контроверзни идеи, вклучувајќи ја и онаа за евентуално спојување на Канада и Гренланд со САД.