Висок претставник на француското разузнавање за CNN изјави дека еден борбен авион „Рафал“ на индиските воздухопловни сили најверојатно бил соборен од пакистанските сили во рамки на ескалацијата на конфликтот меѓу Њу Делхи и Исламабад, доцна во вторникот навечер.
Ако се потврди, ова би бил првиот загубен авион „Рафал“ во борбени дејства, откако Индија ги набави овие француски борбени летала.
Пакистан претходно соопшти дека соборил пет индиски воени авиони, вклучувајќи три „Рафали“, како одмазда за претходните индиски воздушни напади. Од индиска страна сè уште нема официјална реакција на овие тврдења.
Францускиот извор открива дека властите во Париз истражуваат можност за губење на повеќе авиони „Рафал“, додека фотографии од урнат авион во индискиот дел на Кашмир покажуваат делови со ознаки на францускиот производител. Сепак, експертите нагласуваат дека не може со сигурност да се потврди дали се работи за авион „Рафал“.
Компанијата Dassault Aviation, производител на овој тип авион, не одговори на барањата за коментар. „Рафал“ е повеќенаменски борбен авион тежок 10 тони, опремен со два мотори, топ од 30 мм, ракети воздух-воздух, крстосувачки ракети и ласерски наведувани бомби.
Индија досега поседуваше 36 авиони од овој тип, набавени од Франција, но француските воени власти сè уште не се огласиле официјално по повод инцидентот.