Инциденти по поразот на Севиља: Навивачки бес и полициска интервенција во Виго
Натпреварот од 35-то коло на шпанската Ла Лига, во кој Селта ја совлада Севиља со 3:2, беше засенет од серија инциденти предизвикани од разочарани навивачи на андалузискиот клуб.
Околу стотина лути навивачи го пречекаа тимот покрај стадионот во Виго, каде што фудбалерите се подготвуваа да заминат кон аеродромот. Навивачите најпрво ги навредувале играчите, а потоа фрлале предмети кон тимскиот автобус, принудувајќи ги играчите да останат во спортскиот комплекс преку ноќ.
Неколку лица се обиделе насилно да влезат во објектот, но полицијата и обезбедувањето навремено реагирале и спречиле понатамошна ескалација.
ФК Севиља остро го осуди однесувањето на сопствените навивачи, нарекувајќи го „вандализам кој е неприфатлив и за осуда во секоја смисла“.
Со само три кола до крајот на сезоната, Севиља се наоѓа на 16-то место на табелата, со шест бода предност пред Лас Палмас, кој е 18-ти и прв под црвената линија за испаѓање во втората лига.