Ерата на iPhone при крај? Висок функционер на Apple најавува технолошка пресвртница
Повеќе од една деценија откако Стив Џобс го претстави првиот iPhone во 2007 година – уред што го засекогаш го смени начинот на кој комуницираме и функционираме во секојдневието – Apple сега сугерира дека можеби сме на прагот на нова револуција.
На неодамнешно судење, Еди Кју, потпретседател на Apple задолжен за услуги, изјави нешто што до неодамна можеше да звучи како научна фантастика: „Можно е за десет години повеќе да не ви биде потребен iPhone, колку и да звучи тоа лудо.“
Изјавата на Кју доаѓа во контекст на забрзаниот развој на вештачката интелигенција, трансформацијата на пребарувачите и комплексната динамика на партнерство и конкуренција меѓу Apple и Google. Тој потсети дека вистинската иновација честопати бара тешки и храбри одлуки.
„Ние самите го елиминиравме iPod со iPhone. За поголемиот дел од компаниите тоа е незамисливо – да уништите сопствен производ кој носи приходи, затоа што стравот од непознатото е голем. Но, зошто би ја убиле златната кокошка?“ запраша Кју.
Иако iPhone и натаму генерира речиси половина од вкупниот приход на Apple, Кју нагласува дека компанијата мора да остане флексибилна и отворена за идни технолошки скокови – особено во светло на се поголемата улога на вештачката интелигенција.
Според досегашните најави и гласини, Apple веќе работи на серија нови производи кои можат да го заменат централното место што го има iPhone во екосистемот – од слушалките AirPods со напредна АИ поддршка, до уредот Apple Vision Pro и очекуваните паметни очила.
Сите овие иновации, велат аналитичарите, го најавуваат доаѓањето на нова ера – во која мобилниот телефон можеби ќе биде само еден од многуте уреди што го поврзуваат корисникот со дигиталниот свет, но повеќе нема да биде незаменлив.