Apple испраќа предупредувања за шпионски софтвер – корисници од над 100 земји цел на напади
Компанијата Apple започна да испраќа предупредувања до потенцијални жртви на шпионски софтвер, информирајќи ги корисниците дека можеби се на мета на напади. Неколку лица веќе потврдија дека добиле такви пораки и дека им било укажано да ги сфатат предупредувањата сериозно.
Во пораките што ги добиваат засегнатите корисници, Apple наведува дека луѓе во повеќе од 100 држави добиле слични известувања. Иако не се соопштени конкретни податоци за бројот на засегнати лица, ниту за потеклото на нападите, компанијата укажува дека ситуацијата е сериозна и бара внимателност.
Според извештајот на TechCrunch, меѓу лицата кои добиле предупредување се италијанскиот новинар Ќиро Пелегрино и активистка од Данска. Пораките што ги добиле се совпаѓаат со официјалните насоки на Apple за постапување во случај на напади со шпионски софтвер, а корисниците објавија и скриншоти од добиените известувања.
Ова не е првпат Apple да испраќа вакви известувања. Минатата година, корисници од 92 земји беа предупредени за слични напади, а од 2021 година наваму, лица од повеќе од 150 држави биле информирани дека можеби се цел на прецизни и насочени напади со шпионски софтвер.
Сепак, и покрај глобалниот обем на заканата, Apple сѐ уште не објавува детали за бројот на таргетирани корисници, туку само го наведува бројот на земји каде се испратени предупредувања.