Барселона направи пресврт и со 2:1 славеше на гостувањето кај Ваљадолид, кој од следната сезона се сели во Сегунда. Натпреварот беше дел од 34-то коло на Ла Лига, а со оваа победа, Барса ја зголеми предноста во однос на Реал Мадрид на седум бодови, иако има натпревар повеќе.
Иван Санчез донесе предност за домаќините во 6. минута, но Каталонците преку Рафиња во 54. и Фермин Лопез во 60. минута направија пресврт. Барселона настапи без дел од стартерите, но во второто полувреме влегоа Јамал, Рафиња, Де Јонг и Олмо.
Барса сега се фокусира на реваншот против Интер во полуфиналето од Лигата на шампионите, откако првиот меч заврши 3:3.
Во битката за опстанок, Лас Палмас загуби од Валенсија со 3:2 и останува 18-ти на табелата, три бода под цртата. Уго Дуро постигна два гола за „лилјаците“, а автоголот на Суарез ја запечати судбината на домашните. Мекберни го намали резултатот во 83. минута, но недоволно за бод.
Виљареал со 4:2 ја совлада Осасуна и остана во трка за Лигата на шампионите. Перез двапати се запиша меѓу стрелците, а голови постигнаа и Бери и Пепе. Осасуна се спушти на 10. позиција.
Алавес и Атлетико Мадрид одиграа без голови. Алавес останува на 16. место, три бода над зоната за испаѓање, а Атлетико е сигурен на третата позиција.
Во недела се играат натпреварите Реал Мадрид – Селта, Севиља – Леганес, Еспањол – Бетис и Реал Сосиедад – Атлетик Билбао. Колото завршува во понеделник со Жирона – Мајорка.