Берлин: Русија треба веднаш да го почитува прекинот на огнот – во спротивно следуваат санкции
Портпаролот на германската влада изјави денеска на прес-конференција во Берлин дека „часовникот отчукува“ за Русија и оти таа мора итно да го почитува прекинот на огнот, предупредувајќи дека во спротивно ќе се соочи со дополнителни санкции. Изјавата доаѓа во услови на интензивирана дипломатска активност насочена кон постигнување примирје во Украина.
Четирите водечки европски земји – Франција, Германија, Велика Британија и Полска – за време на саботната заедничка посета на Киев ја повикаа Русија на безусловен прекин на непријателствата, почнувајќи од денес, со времетраење од 30 дена.
Сепак, украинската армија соопшти дека руските сили и покрај повиците, извршиле десетици напади долж источниот фронт, како и над 100 напади со беспилотни летала во текот на изминатата ноќ.
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин не го прифати јавно предложениот прекин на огнот, но предложи одржување директни разговори меѓу Русија и Украина, кои би се одржале во недела, на 15 мај, во Истанбул.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го прифати предлогот и изрази подготвеност за лична средба со Путин, прва по повеќе од пет години. Двајцата лидери последен пат се сретнаа во декември 2019 година.
Кремљ сè уште официјално не одговорил на последниот предлог на Киев за директна средба, оставајќи ја неизвесноста околу можниот почеток на мировен процес.