Македонскиот автомобилист Игор Стефановски – Иџе, викендов повторно блесна на меѓународната сцена, освојувајќи го третото место на третата трка од ФИА Европскиот шампионат на ридски патеки (EHC), која се одржа на патеката Рампа Да Фалпера во португалската Брага.
Трката се одвиваше во исклучително тешки временски услови, поради обилен дожд кој предизвика неколку прекини и незгоди, правејќи ја патеката сериозен предизвик дури и за најискусните европски возачи.
Иџе, кој и оваа сезона се натпреварува со моќниот Ferrari 488 B8, дизајниран специјално за ваков тип патеки, успеа да се искачи на пиедесталот благодарение на своето искуство и маестрално возење.
„Не можам да бидам незадоволен со освоеното трето место на оваа патека и тоа во условите во кои се возеше, особено затоа што бевме во борба со автомобили на погон со сите 4 тркала. Иако постигнав најдобро второ време во второто возење, збирниот резултат од двете трки ми го донесе третото место. Морав да се задоволам со третата позиција на подиумот. Горд сум што сум најдобро пласираниот автомобилест во ГТ класата за португалскиот шампионат, во кој возат докажаните португалски автомобилисти. Благодарност до мојот тим, како и тимот и инженерите на Ферари за нивната пожртвуваност во оваа трка, што придонесе мојот автомобил да биде подготвен за овие екстремно тешки услови. Од Португалија, продолжуваме во Шпанија, каде за пет дена не очекува следната трка“ – изјави Стефановски.
Со поддршка од Видеолотарија Касинос Австрија, која му упати честитки за успехот, Иџе продолжува да ја претставува Македонија со огромна посветеност и спортски дух. Следната трка од шампионатот ќе се одржи во Шпанија, каде се очекува уште едно возбудливо издание од престижниот ридски шампионат.