ЕУ со нови правила за штедење енергија: Помали сметки и помалку емисии од електричните уреди во подготвеност
Европската Унија воведе нов сет на ажурирани стандарди за ограничување на потрошувачката на електрична енергија од страна на електричните уреди во режим на подготвеност, со цел намалување на емисиите на јаглерод диоксид и трошоците за домаќинствата, информира портпаролката на Европската комисија за климатска акција и енергија, Ана-Кајса Итконен.
Според неа, новите регулативи стапија на сила на 9 мај и се однесуваат на уреди како што се Ви-Фи рутери, безжични звучници и други паметни уреди кои ќе се пласираат на пазарот во ЕУ по тој датум.
„Иако многу уреди изгледаат како да се исклучени, тие и понатаму трошат енергија во режим на подготвеност. Новите ограничувања ќе ја намалат оваа скриена потрошувачка“, изјави Итконен.
Проценките покажуваат дека овие мерки ќе придонесат за годишна заштеда од 4 терават-часови електрична енергија до 2030 година – доволно за да се напојуваат над еден милион електрични возила, или речиси двојно повеќе од годишната потрошувачка на електрична енергија на Малта.
Покрај тоа, се очекува новите правила да придонесат за намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 1,4 милиони тони годишно, како и да обезбедат вкупна заштеда од околу 530 милиони евра за европските домаќинства преку пониски сметки за струја.