Пожар во поранешниот дом на британскиот премиер Кир Стармер – истрагата е во тек
Во раните утрински часови денеска избувнал пожар во приватен имот во северен Лондон, кој претходно му припаѓал на актуелниот британски премиер Кир Стармер. Инцидентот се случил околу 1:35 часот по полноќ на улицата Каунтес Роуд, NW5, потврди Лондонската противпожарна бригада.
Според информациите објавени од британскиот весник Тајмс, пожарот предизвикал материјална штета, вклучително и оштетување на влезната врата, но за среќа нема повредени лица. Полицијата и противпожарните служби веднаш реагирале на повикот и го изгаснале пожарот во текот на ноќта.
Се верува дека станува збор за семејната куќа на Кир Стармер, во која живеел со сопругата и децата пред да се пресели на адресата Даунинг стрит број 10, по неговата изборна победа. Имотот — куќа со четири спални соби, вредна околу два милиони фунти — во моментов е издаден под кирија.
Полицијата покрена итна истрага за да се утврди причината за пожарот, а улицата каде што се наоѓа куќата е привремено затворена. Истражителите не исклучуваат ниту можност за подметнување, но засега не е објавено дали инцидентот се смета за кривично дело или несреќен случај.
„Полицијата излезе на местото на настанот. Причинета е штета на влезот во куќата, нема повредени. Истрагата е во тек, а безбедносниот кордон останува на сила“, соопшти портпарол на полицијата.
Жителите и можните сведоци се повикани да ја контактираат полицијата и да достават какви било информации што би можеле да помогнат во расветлување на случајот.