Ескалација на тензиите: Полска ќе го затвори рускиот конзулат во Краков поради сомневања за саботажа
Полска ќе го затвори рускиот конзулат во Краков, откако нејзините власти утврдиле дека Русија стои зад големиот пожар кој речиси целосно го уништи трговскиот центар на улицата Меривилска во Варшава, во мај 2024 година. Ова денеска го соопшти полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.
Во изјава објавена на платформата X, Сикорски нагласи: „Поради доказите дека руските специјални служби извршиле неприфатлив чин на саботажа против трговскиот центар на улицата Меривилска, решив да ја повлечам мојата согласност за работењето на Конзулатот на Руската Федерација во Краков.“
Односите меѓу Полска и Русија, веќе нарушени по руската инвазија врз Украина во 2022 година, со оваа одлука влегуваат во нова фаза на дипломатска конфронтација. Полските власти тврдат дека земјата е постојана цел на руски саботажи, хибридни напади и дезинформациски кампањи, поради нејзината отворена поддршка за Киев. Москва, пак, ги отфрла овие обвинувања.
Премиерот на Полска, Доналд Туск, вчера изјави дека земјата „со сигурност“ знае дека руските тајни служби се вмешани во пожарот во Варшава, поттикнувајќи дополнителен дипломатски одговор.
Руската страна реагираше остро. Министерството за надворешни работи на Русија ја обвини Варшава дека „свесно ги уништува односите меѓу двете земји“, притоа предупредувајќи дека ќе следува „соодветен одговор“. Портпаролката на Министерството, Марија Захарова, изјави за новинската агенција РИА дека Полска делува против сопствените интереси.
Ова не е прв дипломатски инцидент од ваков карактер. Во октомври минатата година, Полска го затвори рускиот конзулат во Познањ, поради сомневања за руска саботажа. Русија возврати со затворање на полскиот конзулат во Санкт Петербург. Русија, освен во Краков и Познањ, има конзулат во Гдањск и амбасада во Варшава.
Напнатоста дополнително се зголеми и во регионот. Во март, литванските власти ја обвинија руската воена разузнавачка служба за подметнување пожар во продавница на ИКЕА во Вилнус – напад кој се случил само три дена пред пожарот во Варшава.
Политичките и безбедносните тензии меѓу Истокот и Западот, очигледно, влегуваат во нова, поостра фаза.