Турските безбедносни служби приведоа 115 осомничени лица поврзани со групата Исламска држава, за кои постојат информации дека планирале да извршат напади во текот на празниците Божиќ и Нова година, соопшти канцеларијата на главниот обвинител во Истанбул.
Според информациите на полицијата, цел на нападите биле немуслимански граѓани и јавни места во Турција, а операцијата е резултат на истражување и разузнавачки податоци добиени во последните недели.
Истанбулската полиција изврши рации на 124 локации, при што од 137 осомничени лица, приведени се 115. При претресите беа запленети оружје и муниција, а истрагата продолжува со цел утврдување на сите можни соучесници и детали за планираните напади.
Турските власти нагласуваат дека ваквите операции се дел од континуирани напори за заштита на граѓаните и обезбедување безбедност за време на празничните денови.
















