Во голема акција на италијанските карабинери, во стан на островите Лидо е уапсен 51-годишен државјанин на Србија, за кого Словенија има издадено европска потерница поради разбојништво со употреба на огнено оружје.
Заедно со него е уапсен и 50-годишен државјанин на Србија, кај кого биле пронајдени фалсификувани документи.
Според истрагата, акцијата била спроведена по дојава преку европската мрежа ENFAST, која се користи за брзо лоцирање бегалци низ Европската унија. Осомничениот се криел во областа Комакио, каде што и бил пронајден во изнајмен стан.
Првото уапсено лице се поврзува со криминалната група „Пинк Пантери“, позната по серија спектакуларни кражби на златарници низ Европа. Тој наводно учествувал во вооружена кражба во Љубљана во 2016 година, кога биле украдени луксузни часовници во вредност од околу 450.000 евра.
При претресот, полицијата пронашла голема количина опрема за криминални активности, меѓу кои фалсификувани документи, силиконски маски, ракавици, алат за провали, повеќе мобилни телефони, радио-станици, украдени регистарски таблички, како и муниција и уреди за кодирање автомобилски клучеви.
Вториот уапсен исто така бил затекнат со фалсификувани хрватски документи и веднаш бил приведен.
Првиот осомничен е спроведен во затвор, додека истрагата за неговите можни соработници и пошироката мрежа продолжува.










