ПРВ.мк
Свет

Трамп со жесток ултиматум до Иран: „Досега користевме само ‘кикирики’ – кренете го белото знаме“

Трамп со жесток ултиматум до Иран: „Досега користевме само ‘кикирики’ – кренете го белото знаме“

Американскиот претседател Доналд Трамп испрати остра порака до Иран, порачувајќи дека САД располагаат со доволно оружје и дека досегашната употреба на американскиот арсенал во конфликтот ја смета за минимална. Во интервју за „Фокс њуз“, Трамп ги отфрли стравувањата дека американската војска би можела да се соочи со недостиг од муниција и оружје.

„Она што го користевме досега се кикирики“, порача Трамп, додавајќи дека САД и понатаму располагаат со значителни воени капацитети. Неговата изјава доаѓа во период кога во американските медиуми се отвори дебата околу состојбата со воените резерви по повеќемесечниот конфликт со Иран.

Трамп истовремено откри дека постои канал за комуникација со иранската Исламска револуционерна гарда, но нагласи дека нема намера да брза со постигнување договор. Тој порача дека нема определен рок за завршување на конфликтот и побара од Техеран да се предаде.

„Треба да го кренат белото знаме на предавање“, изјави американскиот претседател, додека преговорите меѓу Вашингтон и Техеран остануваат во застој.

Трамп нагласи и дека претстојните американски среднорочни избори немаат влијание врз неговата стратегија кон Иран. Како главна цел повторно го посочи спречувањето на Иран да дојде до нуклеарно оружје.

Дополнителни тензии предизвика и неговата закана кон Оман. Земјата посредува во разговорите со Иран околу повторното воспоставување комерцијален сообраќај низ Ормутскиот теснец, а Трамп предупреди дека САД би можеле воено да реагираат доколку Оман, според него, им застане на патот на американските интереси.