ПРВ.мк
Македонија

Опасниот вирус се шири: Тројца починати во Македонија, драматични бројки и во Грција

Опасниот вирус се шири: Тројца починати во Македонија, драматични бројки и во Грција

Состојбата со западнонилската треска во Македонија станува сè посериозна. Досега се потврдени 35 случаи, тројца пациенти починале, а шестмина се наоѓаат во критична состојба на интензивна нега, информираше министерот за здравство Сашо Клековски. Уште три сомнителни случаи се во процес на дијагностицирање.

Според здравствените власти, најголемиот дел од заболените се лекуваат на Клиниката за инфективни болести во Скопје, додека еден пациент е хоспитализиран во приватна здравствена установа. Досега 15 пациенти се излекувани.

Поради зголемувањето на бројот на случаи, значително се засилени и дијагностичките капацитети. Клековски посочи дека, за разлика од претходните години кога се правеле околу 40 анализи годишно, сега се извршуваат меѓу четири и осум анализи дневно, а за конечна потврда на инфекцијата се потребни два независни теста.

Загрижувачка е ситуацијата и во соседна Грција. Според официјалниот извештај на грчката Национална организација за јавно здравје од 12 август, оваа сезона се регистрирани 110 локално стекнати случаи, од кои 81 со тешка невроинвазивна форма на болеста. Починале девет лица.

Здравствените власти во Македонија ги алармирале матичните лекари, инфектолозите и невролозите внимателно да ги следат потенцијалните случаи, додека паралелно се врши мапирање на местата каде што најверојатно дошло до заразување.

Западнонилската треска најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец. Најголем дел од заразените немаат симптоми, но кај мал дел може да се развие сериозна невроинвазивна форма со менингитис или енцефалитис.