Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сè уште не е убеден дали Украина треба да добие дозвола самостојно да произведува ракети за противвоздушниот систем „Патриот“.
Во интервју за „Фајненшел тајмс“, Трамп нагласи дека станува збор за исклучително чувствителна воена технологија и дека САД мора внимателно да одлучуваат кому ќе му дозволат производство по лиценца.
„Тоа е исклучително оружје и мора да бидеме внимателни кому му даваме лиценца“, изјави американскиот претседател.
Неговата изјава доаѓа само неколку дена по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа. По разговорите, Зеленски соопшти дека една од темите била можноста Украина да добие лиценца за домашно производство на пресретнувачки ракети за системите „Патриот“.
Во меѓувреме, претставници на американската компанија Raytheon, производител на системот „Патриот“, веќе ја посетиле Украина, додека Lockheed Martin, која ги произведува ракетите PAC-3 за овој систем, подготвува испраќање експертски тим во земјата, потврди украинската амбасадорка во Вашингтон, Олга Стефанишина.
„Фајненшел тајмс“ исто така објави дека во наредните денови Украина ќе ја посетат Џаред Кушнер и Стив Виткоф, блиски соработници на претседателот Трамп, што ќе биде нивна прва официјална посета на земјата.










