Американскиот претседател Доналд Трамп повторно предизвика лавина реакции на социјалните мрежи, откако објави необична мапа на која името на сојузната држава Ново Мексико е изменето во „Нова Америка“.
На мапата што Трамп ја сподели на својата социјална мрежа се гледаат контурите на Ново Мексико, при што зборот „Mexico“ е пречкртан, а под него е напишано „America“.
Особено внимание привлече фактот што Трамп не даде никакво дополнително објаснување за објавата, додека истата содржина била споделена и од Белата куќа.
Засега не е јасно дали станува збор за сериозна политичка иницијатива, провокација или порака со симболично значење.
Објавата доаѓа само неколку дена откако Трамп со извршна уредба го промени името на езерото Онтарио во „Lake America“, потег кој предизвика бројни реакции во јавноста.
Трамп и претходно покажуваше интерес за промена на географски имиња. Уште во јануари 2025 година, веднаш по враќањето во Белата куќа, тој потпиша извршна наредба со која американската администрација почна да го користи називот „Американски Залив“ наместо „Мексикански Залив“.
Може ли Трамп навистина да го преименува Ново Мексико?
За разлика од одредени географски објекти, американскиот претседател нема еднострано уставно овластување со извршна наредба да го промени името на една од американските сојузни држави.
Таквата промена би барала многу посложена правна и политичка процедура и не може да биде направена само со одлука од Белата куќа.
На објавата реагираше и гувернерката на Ново Мексико, Мишел Лујан Гришам. Според неа, Трамп со ваквите потези се обидува да го пренасочи вниманието од други актуелни проблеми, меѓу кои ги посочи војната во Иран и растот на цените на бензинот.
Засега од Белата куќа нема дополнително објаснување дали објавата на Трамп најавува конкретна иницијатива или станува збор само за порака на американскиот претседател.








