По месеци шпекулации и политички бури, американскиот претседател Доналд Трамп конечно ја стави точката на едно од најконтроверзните прашања во американската политика – нема да се кандидира за трет претседателски мандат.
Во разговор со новинарите на бордот на Air Force One, за време на неговата азиска турнеја, Трамп призна дека Уставот на САД јасно забранува трета претседателска кандидатура, велејќи:„Ако го прочитате, прилично е јасно – не можам да се кандидираам. Штета, но имаме многу одлични луѓе.“
Оваа изјава доаѓа по долг период во кој Трамп кокетираше со идејата за третиот мандат, често фрлајќи двосмислени изјави на митинзи и дури делејќи капи со натпис „Трамп 2028“ на своите поддржувачи. И покрај тоа што 22. амандман на американскиот Устав строго пропишува дека никој не може да биде избран за претседател повеќе од два пати, Трамп со месеци ја одржуваше неизвесноста околу своите намери.
Според неговите зборови, иднината на Републиканската партија е „во сигурни раце“. Тој ги спомена потпретседателот Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио како можен „незауставлив тандем“ за 2028 година, со што индиректно покажа дека е подготвен да ја препушти сцената на следната генерација.
Ова признание доаѓа само еден ден по изјавата на Мајк Џонсон, претседателот на Претставничкиот дом и еден од најлојалните сојузници на Трамп, кој нагласи дека промена на Уставот е практично невозможна во наредната деценија, бидејќи би барала ратификација од мнозинството сојузни држави. Џонсон, поранешен уставен адвокат, истакна дека Трамп добро ги разбира правните ограничувања и дека одлуката да се повлече е „реалистичен и државнички потег“.
Со оваа одлука, Трамп ја затвора вратата за историски трет мандат, но не и своето политичко влијание. Дури и без кандидатура во 2028 година, тој останува централна фигура во американската десница и човек чие име ќе продолжи да ја обликува иднината на Републиканската партија.
Едно е јасно – Трамп можеби нема да се врати на гласачкото ливче, но неговиот политички дух ќе остане присутен во секоја дебата, избор и стратегија на партијата во годините што доаѓаат.















