ПРВ.мк
Свет

Трагедија на небото: Се урна авион - започната спасувачка операција!

Трагедија на небото: Се урна авион - започната спасувачка операција!
Kristal

Турски воен товарен авион C-130, кој полетал од Азербејџан и бил на пат кон Турција, денеска се урна во близина на границата меѓу Азербејџан и Грузија, потврди турското Министерство за одбрана, пренесува АП њуз.

Од министерството информираа дека авионот исчезнал од радарите кратко по полетувањето, по што веднаш била активирана операција за пребарување и спасување во координација со азербејџанските и грузиските власти. Засега не е познато колку членови на екипажот се наоѓале во леталото, ниту дали има преживеани.

Воените авиони од типот C-130 Hercules се користат од турските вооружени сили за транспорт на персонал, воена опрема и хуманитарни мисии, и важат за еден од најиздржливите модели во воената авијација.

На социјалните мрежи и турските медиуми, меѓу кои и телевизијата НТВ, се појави видео снимка која, наводно, го прикажува моментот на падот. На неа се гледа авион кој остава густа бела трага од чад пред да се урне во планински предел.

Министерството за одбрана соопшти дека тимови на армијата и спасувачи се веќе на терен, а областа е обезбедена поради можни експлозии од горивото и муницијата во авионот.

Турција и Азербејџан имаат долгогодишна воена соработка, а турските авиони често се користат за заеднички воени вежби и логистичка поддршка во регионот на Кавказ.

Очекувањата се дека во текот на денот ќе бидат објавени повеќе информации за причините за несреќата и евентуалниот број на жртви, додека јавноста во Турција и Азербејџан со загриженост ги следи случувањата.

Escape