Американскиот претседател Доналд Трамп упати остра и вознемирувачка порака до колумбискиот претседател Густаво Петро, навестувајќи дека и тој би можел да се најде на удар на американските власти.
Во изјава дадена денеска, Трамп директно го обвини Петро дека стои зад производство и извоз на кокаин кон Соединетите Американски Држави.
„Тој има фабрики за кокаин. Има места каде што се произведува дрога. Да, стојам зад она што го кажав – тие произведуваат кокаин“, изјави Трамп.
Американскиот претседател додаде дека дрогата од Колумбија завршува на американскиот пазар, поради што, како што рече, колумбискиот лидер „мора сериозно да внимава“.
„Кокаинот се произведува таму и се испраќа во САД. Затоа тој треба да биде многу внимателен“, порача Трамп, пренесува Скај њуз.
Изјавата доаѓа во момент на зголемени тензии во Латинска Америка, особено по неодамнешното апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, што дополнително ги засили шпекулациите дека Вашингтон подготвува нови потези против лидери кои ги поврзува со нарко-картелите.
Од кабинетот на колумбискиот претседател засега нема официјален одговор на обвинувањата.
















