Борбен хеликоптер AH-1S Cobra на јужнокорејската армија се урна денеска за време на тренажен лет во северниот регион Гапјонг, при што загинаа двајцата членови на екипажот, соопшти армијата.
Несреќата се случила нешто по 11 часот по локално време, а причината за падот засега не е позната. Двајцата пилоти биле пренесени во блиските болници, но подоцна им била констатирана смрт.
По несреќата, армијата веднаш ги суспендирала сите летови со хеликоптерите AH-1S и формирала тим за итни интервенции кој ќе ја истражува причината за падот.
Според официјалното соопштение, обуката во која учествувале пилотите вклучувала увежбување на постапки за присилно слетување без гасење на моторот, што сè уште е предмет на истрага.















