Бугарија е во шок по откривањето на серија брутални злосторства, откако во рок од само седум дена биле пронајдени вкупно шест безживотни тела. Според првичните сознанија на истражните органи, случајот може да биде поврзан со затворена заедница која покажува елементи на култ, а во фокусот на истрагата се појавуваат и сомнежи за педофилија.
Последното морничаво откритие се случило во кампер лоциран во близина на планината Околчица, на околу 80 километри од планинско засолниште каде претходно биле пронајдени уште три жртви. Во камперот биле откриени телата на двајца мажи и едно 15-годишно момче. Според изјавата на директорот на бугарската национална полиција, Захари Васков, сите тројца биле осомничени во врска со претходното тројно убиство.
„Се соочуваме со злосторство без преседан, барем кога станува збор за Бугарија“, изјави Васков, нагласувајќи дека постојат сериозни индиции дека истрелите биле испукани внатре во самиот кампер.
Возилото во кое биле пронајдени телата е регистрирано на невладина организација која, според официјалните податоци, организира младински кампови. Дополнителна тежина на случајот му дава фактот што Државната агенција за национална безбедност соопшти дека против истата организација пред две години била поднесена пријава поради сомнежи за сексуална злоупотреба на деца и постоење на паравоени структури.
Во меѓувреме, Софиското регионално обвинителство информираше дека планинското засолниште каде биле пронајдени првите три жртви било запалено, а сите жртви имале прострелни рани. Подоцна било утврдено дека тие исто така биле членови на истата невладина организација, што дополнително ги зајакнува сомнежите за поврзаност меѓу случаите.
Вршителот на должноста главен обвинител, Борислав Сарафов, изјави дека активностите на оваа организација „не биле во интерес на општеството, ниту пак во интерес на децата“, алудирајќи на сериозноста и чувствителноста на истрагата.
Истрагата продолжува со несмален интензитет, а полицијата нагласува дека се разгледуваат сите можни сценарија, вклучително и постоење на затворена заедница со карактеристики на култ, која можеби стои зад една од најшокантните криминални серии во поновата историја на земјата.
















