Израелските власти го предупредиле американскиот претседател Доналд Трамп дека Израел е подготвен да дејствува самостојно против Иран доколку Техеран продолжи со развојот на балистички ракети, кои, според израелските проценки, претставуваат директна и егзистенцијална закана за државата.
Според неименуван извор запознаен со состојбата, кој зборувал за весникот „Џерусалим пост“, израелската страна јасно им ставила до знаење на американските власти дека постои „црвена линија“ поврзана со иранската балистичка програма.
„Им рековме на Американците дека ќе нападнеме самостојно ако Иран ја премине црвената линија што ја поставивме за балистичките ракети. Засега тоа сè уште не се случило“, изјавил изворот.
Израелски воени претставници неодамна во директни разговори со своите американски колеги нагласиле дека иранската програма за балистички ракети претставува егзистенцијална закана за Израел. Тие потенцирале дека, доколку биде потребно, Израел нема да чека поддршка и ќе дејствува самостојно за да ја неутрализира заканата.
Според безбедносни извори, во последните недели Израел преку серија разговори на високо ниво ги пренел своите намери за демонтирање на иранските ракетни капацитети и производната инфраструктура поврзана со нив. Во тие разговори биле претставени и конкретни оперативни концепти за ослабување и деградација на иранската ракетна програма.
Плановите, како што се наведува, вклучуваат можни удари врз клучни производствени и стратешки локации, со цел да се спречи понатамошен развој и обновување на иранските капацитети.
Израелските претставници нагласиле дека земјата ја задржува целосната слобода на дејствување и дека нема да дозволи Иран повторно да изгради стратешки системи на вооружување во размери кои би го загрозиле постоењето на Израел.
Еден висок одбранбен функционер ја опишал актуелната состојба како „историска можност“ за нанесување сериозен удар врз иранската ракетна инфраструктура и за неутрализирање на активните закани не само за Израел, туку и за поширокиот регион.















